Глас

За тоа што траело и ќе трае вечно - за Бога и Македонија!

Monday, January 31, 2011

Спомени за војводата Никола Каранџулов




Пред пет години нашиот писател и новинар Блаже Миневски се сретна со внукот на војводата Никола Каранџулов, Ѓорги. Еве што по таа средба Миневски запиша:


Војводата Никола Каранџулов е роден во Прилеп во 1878 година, во семејството на трговецот Диме Каранџулов. Неговата мајка Анка е од семејството Ковлиеви. Имал двајца браќа и три сестри, од кои Заха активно била вклучена во револуционерното движење во градот. Најстариот брат Иван уште како момче заминува во Софија, каде што отвора кафеана во центарот на градот, на местото каде што се наоѓа таканаречениот ЦУМ. Другиот брат, Ѓорѓи, бил просветен работник, но и предан деец на македонското ослободително движење. Тој во 1890 година ја завршува гимназијата во Солун, каде што започнува и неговата блиска соработка со Гоце Делчев. Оттогаш тој  е во постојана врска со него. Заедно со Делчев , отворено и активно, се спротивставува на противниците на ВМРО од врховистичкото крило на Цончев-Михајловски.
Најмалиот брат, Никола Каранџулов останува во Прилеп и до крајот на својот живот постојано е во првите борбени редови на македонското револуционерно движење, најпрво како комита, а потоа и како војвода. Загинува на 10 август 1904 година, на 28-годишна возраст ,во близина на прилепското село Селце. За него народот испеал многу песни.

- Меѓу зачуваните четириесеттина картички со портрети на значајни личности од 18 и 19 век, се наоѓа и картичката со ексклузивниот портрет на Димитар Миладинов, но и онаа со портретот на Карл Маркс. - Војводата Никола Каранџулов, освен што војувал со пушка в рака, пишувал и песни со социјална и родољубива тематика                                      

Во големиот, “старински” стан  со високи тавани, и ѕидови покриени со книги, во близина на “Орлов мост” во Софија, со насмевка не  пречекува крупен старец со светло  лице. Уште на вратата ни вели дека се вика Ѓорѓи Каранџулов и дека е внук од брат на легендарниот, и во многу македонски песни опеан, војвода Никола Каранџулов од Прилеп. На тешката, лакирана маса во дневната соба  стои штотуку измиено грозје, жолто како килибар: ”Од Петрич е, вели, од Македонија”. До садот со грозје низ кое треперат последните зраци на есенското сонце, стои купче картички со портрети на познати личности од 18 и 19 век. Стариот ги зема и ги врти во рацете - за миг го забележуваме портретот на Димитар Миладинов, но и на Карл Маркс. На задната, бела страна од картичките, има потпис кој  е пречкртан. “Тоа е потписот на дедо ми Никола Каранџулов,” вели Ѓорѓи, оставајќи ги картичките на масата.

- Никој во семејството не знаеше кој и зошто го пречкртал неговиот потпис, но знаеме дека дедо ми Никола, една година откако му ги украле картичките, успеал да си ги пронајде. Неговиот потпис крадецот го покрил со друго мастило, но сепак не успеал сосема да го покрие. По смртта на војводата, картичките  ги  зел кај себе војводата Петар Ацев, а потоа тој му ги дал на дедо ми Ѓорѓи, тој на татко ми Раде, а по смртта на татко ми - еве, ги наследив јас. Тие се нашата семејна реликвија; кај нас се точно 100 години, колку што има поминато и од смртта на Никола Каранџулов. Се сеќавам дека татко ми често ги редеше на масата, и чекаше јас да ги препознаам личностите на сликите, велејќи дека еден ден ќе бидат мои а тој  ќе му каже на дедо Никола горе дека неговите картички се во вистински раце.

Редејќи ги внимателно картичките, ми раскажуваше за неговиот чичко, брат на татко му Ѓорѓи, но ми даваше и книги во кои пишуваше нешто за него, вели Ѓорѓи, и од лакираното плакарче зад себе, вади една пожолтена книшка од писателот Ангел Динев. Насловот на книгата е “Илинденска епопеја”.

Покажувајќи ни со прстот, старецот ни чита еден подвлечен пасус:

”Никола Каранџулов стоеше цврсто на внатрешните принципи за самоопределување на македонскиот народ. На Конгресот на ВМРО одржан на врвот “Мукос”, единствено тој застана здраво на позициите на Ѓорче Петров и остана на нив до крајот на својот живот” - завршува старецот, затворајќи ја книшката на Динев.” Општината Прилеп - продолжува Каранџулов - пред десет година, на девеесетгодишнината  од  убиството, му го направи гробот, а направи и убав споменик во Селце. Дотогаш местото беше сосема запустено, не можеше да се пронајде гробот во тревата. Ние, потомците, сами не смеевме ништо да направиме” - вели Ѓорѓи Каранџулов, покажувајќи ни ги фотографиите што сам ги направил пред неколку година. Во неговите педантно средени  фото-албуми, освен фотографиите од гробот на војводата Каранџулов, се и фотографиите на теренот каде што тој бил убиен, потоа фотографии од куќата и од маалото во Прилеп, каде што живееле Каранџулови, но и многу познати и непознати места во Македонија - од Пирин  до Охрид, и од Костур до Петрич.

- Кога ќе ми легне некоја јанѕа во душата, го земам апаратот и тргнувам  низ Македонија. Со новите фотографии што ќе ги донесам, и со спомените за местата што сум ги поминал, некако ми олеснува, се чувствувам препороден. Овие албуми се мојата Македонија - вели старецот.

Според спомените на Ѓорѓи  Каранџулов, постар брат на војводата; спомени запишани од неговиот син Раде Каранџулов - деветнаесетгодишниот најмлад брат  Никола, во 1895 година заминал во Загреб, каде што завршил Педагошка академија. Во тоа време момчето пишува и песни: ”Ах, ти народе, беден народе/ тебе те грабат диво, мечешки/ но, ајде, стани, времето дојде/ да си побараш права човешки.” Кон крајот на 1902 година се подготвува Конгрес на Битолскиот револуционерен округ, едно од главните упоришта на револуционерното движење на македонскиот народ. За делегат на тој Конгрес од Прилеп е  избран Никола Каранџулов. Тој радосно пристигнува во Битола, иако воопшто не смеел да патува, зашто турската власт веќе му имала издадено наредба никако да не го напушта Прилеп. Уште на влегување во градот на конзулите, Никола е уапсен и веднаш фрлен во Битолскиот затвор. Пуштен е дури по два месеца, благодарејќи на општата амнестсијата на Султанот. За жал, Каранџулов набрзо  повторно е во затвор: на Велигден 1903 го апсат во прилепската чаршија и веднаш го спроведуваат во битолскиот затвор. Иако Турците, се разбира, не знаат дека се подготвува востание, затворајќи го војводата всушност го спречуваат Каранџулов да учество во Илинденското востание. Но, војводата и во затворот не мирува. Заедно со  уште неколку затвореници, организира спектакуларно бегство, за кое пишуваат речиси сите тогашни весници. Тунелот го копале цели три недели со лажици, вилушки и со голи раце.За да биде земјата ровка, користеле некаква киселина, која била носена преку посетители во шишиња од лимонада. Ноќта на 14 март 1904 година низ прокопаниот шест метра долг тунел избегале 32 затвореника. Сите до еден успеале да стигнат до селото Кономлади, каде што ги пречекала четата на Митре Влавот. Во писмото на Никола Каранџулов од 29 април 1904 година, испратено до неговиот брат Ѓорѓи во Варна - што се чува во семејната архива - меѓудругото пишува:

”Каналот се копаше под моја команда, а не како што пишуваат таму некои весници, под команда на некој си Турчин. Тој беше долг шест метри, а широк и висок одвај еден аршин. Длабочината под земјата беше еден и пол метар. Надвор излеговме голи и боси, зашто со алишта не не собираше. Прво излегов јас, и, кога се осигурав дека е безбедно, излегоа и останатите. И, така, сега сум слободен. Вистина до утре не знам што ќе се случи, но сега сум слободен”

Тоа бегство на Никола Каранџулов од Битолскиот затвор е забележано во песните што за него тогаш ќе ги испее македонскиот народ.

- Во мај 1904 година, Никола учествува во работата на таканаречениот подвижен Прилепски конгрес на македонската револуционерна организација, зеедно со Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Петар Ацев, Георги Сугарев, Добри Даскалов и други видни македонски војводи и револуционери. По завршувањето на Конгресот, војводата Никола Каранџулов е задолжен да слезе во Прилеп за да ја среди состојбата во разбиената Организација. Во близина на селото Селце тој и неговата чета се опколени од турска кавалерија. Неколку часа водат тешка борба со надмоќниот непријател, но на повлекување Никола е тешко ранет. За да не падне во рацете на непријателот,го замолува  својот соборец Коце Велмевчето да го убие со неговиот револвер. Според сведоштвото на војводата Петар Ацев, кој бил во непосредна близина на настанот, Коце со солзи во очите го зема револверот и тивко го прашува каде сака да го застрела. Војводата Никола Каранџулов му покажува на челото. Смртта настапила моментално, но телото останала повеќе од 24 часа непогребано. Селаните од Селце потоа војводата Каранџулов го положуваат на откорната врата од блиското училиште и го пренесуваат до гробиштата. Тоа се случило на 29 јули 1904 година. Никола тогаш имал само 28 години. Во 1907 година, во истиот гроб, бил погребан и Димитар Робев од Битола, секретар на четата на Петар Ацев - вели Ѓорѓи  Каранџулов, внук од брат на Никола Каранџулов.

Станот на Каранџулови во Софија, освен со спомени, преполн е и со вредни  книги,  арховски документи и портрети на претците во семејството. Братот на Никола, Ѓорѓи  Каранџулов - кој има голема преписка, на пример, со Даме Груев - купувал книги речиси секојддневно. Меѓу највредните книги, секако се првите изданија на “Ана Каренина”, потоа на “Браќа Карамазови”, на “Мајка” и други. Вредно издание секако е и “Илијадата” од Хомер, во руски превод, објавена во Москва во 1888 година. На првата страница од “Ана Каренина”, на пример,стои посветата на Толстој за Македонецот Ѓорѓи Каранџулов. Во библиотеката, меѓу неколкуте илјади наслови, има голем број книги кои се вистинска реткост, а  тоа значи и непроценливо богатство. Многу од тие книги сигурно би сакала да ги има која и да е библиотека во светот. Според најстариот наследник во семејството, Ѓорѓи Каранџулов, бројот на книгите не се знае точно, меѓутоа сигурно е дека барем половина од нив се постари од еден век. Сето тоа богатство со огромно внимание, и со многу напор , семејството Каранџулови го има зачувано низ сите турбуленции низ кои минувал Балканот во изминатиот век.

Се разбира, меѓу сите книги, со огромно внимание се чуваат и картичките на Никола Каранџулов, на кои, на пример, како што вели Ѓорѓи, е оригиналниот портрет на Димитар Миладинов; портрет кој, вели тој, досега нигде не е објавен.

Отворајќи неколку од книгите што ги разледуваме, старецот повторно се задржува на една стара, пожолетна книшка. Тоа се спомените на македонскиот револуционер, и единствениот преживеан гемиџија Павел Шатев. И во таа книга има еден пасус подвлечен со молив:

”Никола Каранџулов ретко се смееше и од погледот му се гледаше строгоста и сериозноста. Како раководител, не толку со својата власт и авторитет, колку со својот карактер и однос кон работата, уживаше почит меѓу селаните-работници во Организацијата, но ги дисциплинираше и граѓаните, кои потешко влегуваа во револуционерната борба”.

Сепак, Ѓорѓи не знае како успеал дедо му Никола да си ги пронајде украдените картички, на кои крадецот успеал дури и да го пречкрта неговиот потпис? Со оглед на тоа што бил сериозен, чесен и суров човек, како што вели Шатев, тогаш сосема е сигурно дека крадецот имал голема среќа што не се потпишал под украдените картички. Потписот на Никола е пречкртан, но и со таков потпис на сите негови негови картички, семјството Каранџулови ги чува како скапоцена реликвија.  За чудо веќе сто година никој не се обидел да ги украде!

од кубура!

No comments:

Post a Comment