Македонската историографија се' уште до крај не го проучила целокупниот живот на Павел Шатев, кој до 1990-та година беше една од историските табу теми, смета проф. д-р Виолета Ачковска од Инстутутот за историја при Филозофскиот факулет во Скопје. Исто како и во случајот со Ченто, Панко Брашнаров и други, тоа секако се должи на фактот што паднале во немилост на комунистичката власт, а долги години таа одлучувала што може а што не може да биде дел од македонската историја и тема на македонската историографија. Меѓу позабелижителните личности кои биле жртва на информбировската репресија е и Шатев, човек со богата револуционерна биографија, последниот жив гемиџија, еден од водечките државни раководители во НРМ до 1948-та гофина, прв министер за правосудство во Владата на НРМ, втор потпретседател на македонската држава, еден од уставотворците на мрвиот македонски устав и сојузен пратеник во Народното собрание во Белград. ![]() Според д-р Ачковска, Шатев всушност настрадува во општата чистка на национално свесните македонски револуционери, а наводното прифаќање на Резолуцијата на Информбирото е само повод да се отстранат сите што не им биле по мерка на Колишевски и другарите. Шатев, пак, е уапсен без никаква сторено дело. Едноставно, така решил некој форум - државен или политички, сеедно. Каде згрешил, и зошто го затвораат, никој не му објаснил ниту нему, ниту на семејството, ниту пак на народот кој останал збунет и изненаден од апсењето на 'живата легенда на македонското револуционерно движење'. Во тајните комунистички досиеја било запишано само дека е 'потенцијален непријател', па затоа треба да исчезне од јавниот живот, иако во моментот на апсењето бил пратеник, со пратенички имунитет. Се разбира дека никој не му помогнал, и никој 'спонтано' не протестирал пред Судот или Владата, никој не го помилувал, иако во највисоките врвови на власта имало луѓе кои не се согласувале со неговото апсење. - Еден од тогаш водечките македонски функционери, Крсте Црвенковски, подоцна призна дека причините за затворањето на Шатев воопшто не му се познати. Шатев слабо го познавал и за него чул дури во 1943-та година, во Црвена Вода, Дебарца. Имено, во тоа време македонските единици беа заробиле неколку германски офицери и во Главниот Штаб на НОБ и ПОМ се договарале да се обидат да извршат замена на некои уапсени или осудени лица од македонското револуционерно движење. Тогаш Светозар Вукмановиќ-Темпо предложил да се побараат да се пуштат од затвор Лазар Колишевски и Мара Нацева, но се спротивставил Венко Марковски, велејќи дека ако треба некого да се бара да се ослободи, тоа е Павел Шатев. За жал, од овие замени не станало ништо, но предлогот на Марковски бил запомнат од луѓето на Колишевски, а предлогот на Венко Марковски подоцна на своја кожа го почувствувал и тој, но и Павел Шатев. Како еден од гревовите на Шатев за суровиот третман на новата комунистичка власт во Македонија кон него се наведува и средбата со бугарските функционери во Белград, во 1946-та година, за што партиски бил казнет и Венко Марковски, па на 27 декември 1946-та година на состанок на потесното раководство на ЦК КПМ, на кој присуствувале Лазар Колишевски, Видое Смилевски, Страхил Гигов, Борко Темелковски и Љупчо Арсов бил поднесен извештај од највисокото партиско раководство на КПЈ за исклучување од Партијата на Венко Марковски и Павел Шатев. Инаку, за средбата во Белград извештај до Георги Димитров во август 1946-та поднесува и Тенчо Мечков, функционер во амбасадата на НР Бугарија во ФНРЈ. Во извештајот тој меѓудругото наведува дека Шатев сметал дека во НР Македонија 'се води антибугарска политика' и дека 'сите оние кои на еден или на друг начин искажуваат некакви симпатии за Бугарија, се гледани со лошо око и кон нив се фрла сомнеж дека се сепаратисти, михајловисти и фашисти; сите Македонци кои се дојдени од Бугарија, еден по еден заминаа, зашто беа изложени на термозење...' Покрај искажаните критики, македонските кадри најверојатно биле погодени и од тоа што Шатев сметал дека КПЈ се однесувала со предрасуди кон БКП и дека македонското раководство е опфатено со 'србоманство, па повеќе сакаат да зборуваат српски, наполно се послушни во однос на она што им се наредува од Белград, а Колишевски и неговите другари, се агенти на ОЗН-а'. Во ноември 1947-та година, Павел оди во Софија за да реши некои семејни проблеми во врска со одењето на специјализација на постарата ќерка Милка. Овде се сретнал со некои свои познаници и пријатели, меѓу кои Владимир Поп Томов, Штерју Атанасов, Тодор Павлов и Сава Гановски. Разговарале за повеќе прашања, а особено за разногласијата во бугарскиот политички и државен врв во врска со балканската федерација и за решавање на прашањето на Македонија. Во своите спомени од таа средба Павел Шатев запишал дека му приговорил на Тодор Павлов затоа што во неговиот говор во Скопје рекол дека 'македонската нација постои, но јас сум Бугарин'. Тоа, му реков, запишал Шатев, не остави позитивен впечаток. Се разбира дека сите контакти и разговори на Шатев биле познати на органите за државна безбедност на ФНРЈ, па тие сојузните органи биле решени да расчистат со него уште во 1946-та година, но се чекал погоден момент тој конечно и физички да биде ликвидиран. Во тој контекст резолуцијата на Информибирото доаѓа како порачана за да се уапси Шатев, и тој е уапсен на 16 јуни 1949-та година, во Загреб, каде што, по завршената седница на Народното собрание во Белград, стигнал за да го посети семејството. Притоа, како и многу други пресуди во тоа време, кои биле донесено откако казната веќе била извршена, пратеничкиот имунитет на Шатев му бил одземен десеттина дена по апсењето. Имено тоа се случило на 27 јуни кога Претседателството на Народното Собрание на НРМ донесува решение за 'одземање на имунитетот на народниот пратеник', а во исто време едногласно е усвоен и 'предлогот за покренување кривична постапка'. Истото во таа прилика е сторено и за пратениците Кирил Петрушев и Кадзедеј Демир Муртезани. Потоа Шатев од Загреб е доведен во Скопје, во зградата на Државната безбедност, каде што долго време воопшто не го викаат на сослушување. ![]() Тука е држен 11 месеци а потоа е интерниран во Битола, во домашен притвор. Во тоа време Шатев имал 68 години, а освен тоа зимата меѓу 1950-51 година веќе е и болен, па го сместуваат на лекување во Битолската болница, во депандансот за затвореници. Оставен да живее во мизрени услови, во студ, глад, болен и без нужната лекарска нега, човекот кој не беше уништен ни од османскиот султан, ни од бугарскиот цар, човекот кој го крена во воздух францускиот брод 'Гвадалкивир' во Солун, кој ги преживеа Беаз-куле, Еди-куле, Фезан, Енби-ќој, затворот во Софија и Ќустендил, беше докрајчен со методите на репресијата на комунистичката власт во својата македонска држава. Оставен да умре во целосна изолација, животот на Шатев згаснува на 30 јануари 1951-та година во Битола. На неговиот погреб присуствувале само петмина: неговата сопруга Вера, неговата сестра и уште тројца најблиски роднини. Иако сопругата барале Павел да го погреби во семејната гробница во Прилеп, власта не го дозволила тоа,- бележи проф. д-р Виолета Ачковска во своето истражување за репресијата и репресираните во најновата македонската историја. |
Глас
За тоа што траело и ќе трае вечно - за Бога и Македонија!
Sunday, January 30, 2011
Како умре Павел Шатев?
Како комунистите го ликвидираа гемиџијата Шатев
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment